Во периодот од 8ми до 11ти октомври беше реализирана теренска настава со студентите од VII семестар од Машински факултет - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Теренската настава се одвиваше со присуство на 57 студенти од сите студиски програми од 4та година (VII семестар) во придружба на 3 членови од наставниот кадар на Машински факултет – Скопје, асс. м-р Моника Улер – Зефиќ, асс. м-р Александар Аргиловски и доц. д-р Александар Ѓерасимовски.
За време на теренската настава беа посетени две научно-образовни институции: Mашински факултет - Белград и FH Joanneum - Грац, еден истражувачки центар: Virtual Vehicle во Грац, фабриката Siemens во Грац и една од најголемите хидроелектрични централи во Европа – Ѓердап.
Машински факултет Белград
Презентација на организацијата на факултетот, структурата на студиите, научно-истражувачката работа и посета на лаборатории од 5 катедри:
- Производно машинство – Лабораторијата за кибернетика и мехатронски системи - CMSysLab
- Термотехника – Лабораторија за греење и климатизација и лабораторија за рационално користење на енергијата
- Термоенергетика – Лабораторија за топлинските турбомашини
- Мотори со внатрешно согорување – Лабораторијата за испитување на гасни водородни мотори
- Моторни возила - Лабораторијата CIAH - тестирање и хомологација на моторни возила
VIRTUAL VEHICLE, Graz
Најголем истражувачки центар за виртуелен развој на возила во Европа. Запознавање со главната дејност на VIRTUAL VEHICLE која подразбира интеграцијата на нумерички симулации и виртуална валидација во автомобилската и железничката индустрија.
SIEMENS, Graz
Во придружба на инженери од Siemens беа посетени сите погони од фабриката каде се одвива производство на шински возила. Презентиран беше целиот процес на производство почнувајќи од процесите на заварување на каросеријата, монтажата на тркалата до инсталација на управувачките системи и електрониката, како и организациски процеси поврзани со складирање и транспорт во производството.
FH Joanneum, Graz
Презентација на организацијата на факултетот, структурата на студиите, научно-истражувачката работа и посета на лаборатории од 3 оддели:
- Дизајн и Комуникација – Посета на студио за видео продукција
- Автомобилско инженерство – Посета на лабораториите на одделот, вклучувајќи неколку софистицирани тест-маси за возила и посета на работилницата за подготовка за натправарувањето Formula Student каде беа изложени 20 модели на формули.
- Менаџмент и бизнис – Презентација на универзитетот како целина, шансите за нашите студенти да го продолжат своето усовршување таму, како и детали за истражувањата и работата на одделот
Хидроцентрала Ѓердап, Србија
Хидроцентралата Ѓердап претставува најголем хидроенергетски објект на Дунав и е во сопственост на две држави, Република Србија и Република Романија.
Презентација за историјата и процесот на изградба на хидроцентралата и шематски прикази на хидроцентралата во напречен пресек.
Посета на машинската хала во која се наоѓа шест (6) агрегати од по 180 MW. Набљудување на работата на турбината и електрогенераторот во момент на работа - ротација.
Набљудување на преливната брана, како и преминот за бродови.
Посета на командната сала од која се врши централно управување со работата на хидроцентралата.