На ден 27.12.2022 во Europe House Skopje, за прв пат се одржа студентскиот хакатон Launch Me за студентите на Машински Факултет – Скопје кој го слушаат предметот Инженерска економика, предводен од проф. д-р Валентина Гечевска како предметен професор и асис. м-р Ема Василеска како предметен асистент.
Секоја година низ предметите на факултетот произлегуваат солидни идеи кои потоа остануваат затворени во фиока. За да се промени тоа, студентите по Инженерска економика работеа не само за оценка, туку за можност за отпочнување на свој бизнис и реализација на своите идеи. Целта на хакатонот е да ги поттикне иновативното инженерско размислување и претприемачките вештини кај младата генерација, со овозможување пристап до поддршка и професионална помош за понатамошен развој кон сопствен старт-ап.
Девет тимови ги претставија своите бизнис идеи на кои напорно работеа во текот на семестарот пред публика сочинета од искусни локални претприемачи, претставници од индустријата и академијата. Презентациите беа оценети од страна на стручна комисија сочинувана од: проф. д-р Валентина Гечевска (професор на МФС и проректор за наука на УКИМ), Трајан Ангелоски (генерален менаџер на Ариљеметал и претседател на ССКМ), асис. м-р. Анастасија Игњатовска (асистент при МФС), Дарко Русевски (главен инженер во Торакс), Александар Савевски (CEO на Infinity Construction и дел од CBI) и Александар Момироски (CEO на Solar Data Collector и COO на CBI). Модератор на настанот беше асис. м-р Ема Василеска.
Како главен спонзор на настанот застана Comeunity Business Incubator (CBI), кој на тимот кој освои прво место додели вредносен ваучер во износ од 1000 евра за менторска поддршка за развој на стартап. Дополително, овој тим доби и покривање на дел од трошоците за три месеци престој во било која европска земја кај домаќин искусен претприемач, преку европскиот проект Еразмус за млади претприемачи.
Тимот кој освои второ место доби ваучер за изработка на проект по нивен избор со користење на опремата, машините и материјалите во лабораторијата ФабЛаб Скопје – лабораторија за дигитална фабрикација на Машински факултет, како и покривање на дел од трошоците за два месеци престој во европска земја кај домаќин искусен претприемач.
Тимот кој освои трето место доби покривање на дел од трошоците за едномесечен престој во европска земја за стекнување на искуство кај домаќин претприемач.
Хакатонот беше промовиран на европско ниво од страна на проектот Прометеус, финансиран од страна на Европскиот институт за иновации и технологија. Настанот придонесува кон зголемувањето на start up заедницата во нашата држава, и оформување на таканаречени претприемачки универзитети.