Општи информации

Библиотека

 

Библиотеката функционира како посебна работна единица, заедничка за  Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии. Постои од формирањето на факултетите и бележи постојан подем во своето работење, вбројуваќи се, во моментов, во редот на најуспешните високошколски библиотеки во земјава. Библиотеката работи според важечките меѓународни библиотечни стандарди, а воведeна е и компјутеризација на сите работни процеси во библиотеката, со што таа претставува современа информативно-документаристичка служба.

Мисија

Библиотеката на МФС спаѓа во редот на академските, односно високошколските библиотеки и нејзината мисија е да ја поддржи мисијата на Факултетот, овозможувајќи пристап до изворите на знаења и информации. Се стреми кон успешно пружање на поддршка на наставата и научната работа и претставува агилна информациска установа која на своите корисници-студентите, наставниот кадар и научниците-им осигурува услови за учење и истражувачка работа преку примена на новите технологии. Таа е активен партнер на Факултетот и на самиот Универзитет во промовирањето на перманентното образование и информациската писменост и во „производството“ на млади луѓе кои ќе бидат свесни дека студирањето е само почеток на процесот на целоживотното учење.


Визија

Библиотеката во иднина ја гледаме како центар на знаења од сите области кои ги опфаќа Факултетот, промотор на новите тенденции во библиотекарството и другите информациски науки  и институција која успешно ги комбинира сите видови извори на информации, како традиционални, така и современи,  и е незаменлив дел од образовниот процес и научните истражувања.

Функција

Библиотеката врши набавка на секаков вид библиотечен материјал (книги, списанија, стандарди, фотокопии, референтна литература) на различни медиуми во согласност со потребите на своите корисници, врши обработка и средување на тој материјал според меѓународните библиотечни стандарди и им овозможува на своите корисници брз и едноставен достап до информации во врска со книжниот фонд.


Книжен фонд

Книжниот фонд на Библиотеката го сочинува стручна литература од областа на електротехниката и машинството и ним сродните науки и дисциплини. Според обемот на книжниот фонд, Библиотеката е една од најбогатите високошколски библиотеки кај нас. Фондот постојано се збогатува и, во моментов, опфаќа околу 34500 наслови на монографски публикации (над 59000 библиотечни единици) и oколу 630 наслови на периодични публикации. Во овој број спаѓаат и посебните збирки на докторски дисертации, магистерски трудови, како и речници и прирачници, материјали од научни собири и конференции, стандарди и сл.

Книжниот фонд им е достапен на корисниците преку класични библиотечни каталози и оn-line:
 http://biblio.feit.ukim.edu.mk

Корисници

Услугите на Библиотеката ги користат сите студенти - додипломци, магистранди и докторанди на Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии, наставниот кадар на двата факултета и останатите вработени.

Корисникот може да позајмува книги само лично, со индекс заверен за тековната учебна година. Студентот на додипломските студии, во исто време, може да користи книги од два предмета (од секој предмет учебник и збирка) и книгите може да ги задржи најмногу една календарска година.

 
Бројот на публикации што се даваат на користење и времето на користење се ограничени.
Иако библиотеката е од затворен тип, во исклучителни случаи и во интерес на доброто библиотечно работење и библиотекарската етика, таа е достапна и за надворешни корисници, под одредени услови.

 

При запишување на зимскиот семестар, согласно Режимот на користење, корисникот треба да приложи потврда дека ги има регулирано обврските кон Библиотеката, односно дека не е задолжен со единици подолг период од дозволениот. При отпис од Факултетот, и при завршување на студиите, студентот има обврска да ги врати сите позајмени единици, за што добива писмена потврда.

 

Изгубена или оштетена библиотечна единица
Изгубена или оштетена книга се надоместува:
  • со нова, идентична книга
  • со паричен надомест, 5 денари по страна, доколку се работи за исцрпени изданија
  • со паричен надомест, двоен износ од номиналната вредност на книгата, доколку се работи за неисцрпени изданија.
Простор и работно време

Освен работната просторија во состав на Библиотеката спаѓаат и две магацински простории со површина од 160 м2 и читална со 90 кориснички места.

Работното време на Библиотеката е секој работен ден од 08:00 до 16:00 ч. за вработените и од 11:00 до 15:00 ч. за студентите. Читалната е отворена за студентите од 08:00 до 20:00 часот секој работен ден.

Посебни услуги

Библиотеката има воспоставено активна соработка со НУБ "Св. Климент Охридски" и во таа смисла постои можност за користење на повеќе домашни и странски бази на податоци.

Библиотеката е вклучена и во системот на меѓународната библиотечна позајмица, со што на корисниците им е овозможено да добиваат на користење, на одредено време, секаков вид библиотечен материјал од повеќе библиотеки во светот.
 
Персонал на Библиотеката
 
м-р Розита Петринска-Лабудовиќ - раководител на библиотеката
Љиљана Андреевска - библиотекар

 

Контакт

Телефони за контакт: 02/ 30 99 187;     02/ 30 99 188

E-mail:
biblio@feit.ukim.edu.mk

Наши проекти

Контактирајте не

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Машински факултет - Скопје
Руѓер Бошковиќ бр.18
1000 Скопје, Република Северна Македонија
Тел: + 389 2 3099-200
Факс: + 389 2 3099-298
Е-пошта: contact@mf.edu.mk

Follow us

Follow us on:

Брзи линкови

Галерија

Galerija       

       

Back to Top