Зборникот претставува референтно гласило на Машинскиот факултет во Скопје, во кое се објавуваат резултати од научната работа на Факултетот. Зборникот со кратки паузи излегува двапати годишно веќе 25 години и според принципот на размена се разменува со околу 40 високошколски установи во Европа.
Зборникот е регистриран како меѓународно списание под коден број ZTFSEH и свој ISSN (0351 - 6067) и со програмите на Универзитетската библиотека “св. Климент Охридски” од Скопје може да се пребарува по неговите содржини од сите делови на светот.
Во досегашниот период во Зборникот се објавуваа трудови главно од вработените на Машинскиот факултет во Скопје.
Активностите во Зборникот треба да се прошират со вклучување на уште повеќе реномирани научници и професори од други средини или со нивно ангажирање како постојани соработници, рецензенти, автори итн.
За Зборникот да може да биде читан и во другите средини кои не говорат македонски јазик, трудовите се објавуваат на англиски јазик со резиме на македонски.
Зборникот ќе продолжи да излегува од печат во предвидените термини (два пати годишно). Се надеваме дека наскоро ќе можеме да објавиме дека Зборникот ќе излегува четири пати годишно.
Зборникот се објавува и на веб страната на Машинскиот факултет каде се поместени комплетните содржини на Зборниците од 2002 година па наваму.
Сметаме дека се созреани условите Зборникот да прерасне од гласило на научните работници на Машинскиот факултет во Скопје, во гласило со поширок карактер, во кое свои трудови ќе објавуваат и други научни работници.