Свечено отворање на ТЕМПУС лабораториите за последипломски студии за моделирање, симулации и индустриски дизајн и маркетинг
На 19.12.2008 во просториите на Машинскиот факултет - Скопје свечено се отворени три нови лаборатории за постдипломски студии: две за моделирање и симулации и една за индустриски дизајн и маркетинг. Лабораториите се опремени со модерни работни станици, софтвери за моделирање и симулации, графички интерактивни уреди и друга најсовремена опрема. Наменети се за студентите на магистерските студии кои вклучуваат моделирање и нумерички симулациони програми како и за студентите на новововедените магистерски студии по индустриски дизајн и маркетинг.
Свеченоста ја отвори Проф. д-р. Атанас Кочов, декан на Машинскиот факултет, а потоа на присутните им се обратија, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, Г-дин Ивица Боцевски и специјалниот претставник на Мисијата на Европската Унија во Република Македонија, Г-дин Ереван Фуере.
Координаторот на проектот TEMPUS-NSP-ME-19017 од Врије (Слободен) Универзитетот во Брисел, Проф. д-р Деан Вучиниќ и локалниот координатор на проектот од Машинскиот факултет во Скопје, Проф. д-р Милан Ќосевски ги презентираа основните цели и придобивки од реализацијата на проектот. За значењето на проектот TEMPUS MS-IDM 41128 зборуваа Проф. Клеменс Штубнер, координатор на проектот TEMPUS MS-IDM 41128 од Универзитетот за применети науки во Ахен и Проф. д-р Татјана Кандикјан, локалниот координатор на проектот од Машинскиот факултет во Скопје.
Проектот TEMPUS-NSP-ME-19017 се однесува на воведувањето на нумеричките симулациони програми во магистерските студии по машинско инженерство. Тој е поддржан од Европската комисија и е реализиран воглавно во соработка со Врије (Слободен) Универзитетот во Брисел, Институтот Б за механика од Универзитетот во Штутгарт и институциите Биро Веритас од Парис и VIKKI од Лондон. Новоотворените лаборатории располагаат со работните станици, поддржани со група на сервери кои формираат вкупно 22 CPUs (процесори) и 104 GB RAM меморија кои се наменети за интензивно (паралелно) процесирање. Со нивната примена за моделирање и симулации, реално, се создава можност за оформување на високо компетентни кадри кои ќе располагаат со современи знаења, со што се гарантира нивно брзо вработување и внесување во современите инженерски текови, како во домашните така и во светските реномирани компании.
Новите магистерски студии по индустриски дизајн и маркетинг на Машинскиот факултет во Скопје (TEMPUS-MS-IDM-41128), поддржани од Европската комисија преку програмата ТЕМПУС, се воведуваат во тесна соработка со Универзитетот за применети науки од Ахен, Германија, и Универзитетот во Марибор, Словенија, како и во директна соработка со реномираните глобални компании Џонсон Контролс од Буршајд, Германија, и Филипс од Ахен, Германија. Овие студии ќе им овозможат на студентите добивање на најсовремени знаења преку предавања од странски и домашни реномирани професори, студентска размена, работа на заеднички проекти во претходно споменатите фирми во странство, како и користење на најсовремените алатки за индустриски дизајн во новоотворените лаборатории на Машинскиот факултет.