Mоторни возила, ТРАНСПОРТ и МЕХАНИЗАЦИЈА

Цел на насоката

  • Познавање на градбата, функционалноста и перформансите на моторните возила, механизационите машини и транспортните уреди и постапките за нивно проектирање, конструирање, испитување и одржување. Оспособување за решавање на реални инженерски задачи со користење на традиционални и на модерни компјутерски засновани техники за моделирање, симулација, анализа и оптимизација на системите.

Некои од главните компетенции со кои се стекнуваат студентите на насоката

  • Разбирање, препознавање и проектирање на основните елементи, системите и градбата кај моторните возила
  • Способност за пресметка, моделирање и симулација на погонските параметри и динамиката на возилата
  • Способност за одобрување и проценка на техничката состојба и на возилата
  • Познавања од областа на хибридни и електрични возила, на системите за безбедност и за асистенција на возачот, како и основите на автономните возила
  • Способност за виртуелно прототипирање, за решавање на реални инженерски проблеми и користење на мерните методи при испитување на машински конструкции
  • Познавање и разбирање од областа на транспортните уреди и механизација, како и логистиката во транспортните системи
  • Познавање и способност за развој, проектирање и производство на земјоделска, шумарска, градежна и комунални машини

Дипломски работи

Кристијан Иваноски / Микросам

Во Микросам се вработив како машински инженер-конструктор со завршена трета година од студиите. Во четврта година истовремено работев и студирав, што претставуваше одличен предизвик и големо искуство. Знаењето и вештините што ги стекнав на насоката моторни возила ми овозможија брзо и лесно прилагодување во работната средина како и подготвеност за решавање на инженерски проблеми.

Препорака кон идните студенти е посветено и амбициозно да пристапуваат кон студиите, постојано да размислуваат кон подобрување и надоградување на самите себе и секогаш да се стремат кон поголеми достигнувања во она што го работат.

Александар Блажевски / VanHool

Како студент учествував и бев меѓу победниците на натпреварите TeamWin и Team2Win, што беше прво искуство со комплетен развој и планирање на процесите на производство за нов производ. Бев во организација на саемот ,,Контакт” – искуство кое што ме внесе во светот на инженерските компании. Знаењето и вештините стекнати за време на студиите се од непроценлива важност за идното остварување како инженер. Впрочем тоа е и еден од најважните критериуми на разговорите за вработување кои што ве очекуваат.

Машинскиот факултет е синоним за успех, личен развој, карактерен раст и развој. Тука ќе пронајдете колеги со кои што ќе станете блиски пријатели и професори кои што засекогаш ќе бидат горди на вас кога ќе станете нивни колеги по струка. Дефинитивно правилниот избор за мене, а верувам и за сите вас.

Ерол Ибраими / Еуроедил - Холдинг

Од мали нозе им се восхитував на моторните возила и оттаму се роди желбата и интересот. Што се однесува до студиската програма, особено би го истакнал блискиот однос наставник – студент, кој на секој студент му влева чувство на самодоверба и амбиција за постојано надградување. Покрај науката, студентите имаат можност да учествуваат во различни студентски организации, кои нудат можност за дружење и стекнување нови пријателства, каде што и јас стекнав многу пријателства со колеги од струката.

Можам да кажам дека индустријата секогаш ќе има потреба од квалитетни инженери, затоа машинските инженери секогаш ќе бидат во првите редови и во чекор со најновите трендови, достигнувања и технолошки развој со примена на знаењата стекнати на студиската програма, спремни за соочување со  предизвиците на нивото време.

Јулија Јовковска / Порше Македонија

Работното место е тесно врзано со мојата студиската програма. Работната позиција е ми е Сервисен советник, што бара големо познавање на возилата и нивните системи, за правилно распоредување на клиентите кои имаат различни побарувања. Потребно е брзо размислување, знаење на што да се даде предност, да се преземат мерки за сигурност и приближна проценка за времетраење и чинење на зафатот. Потребно е ефикасно и ефективно решавање на проблемите со возилата.

Затоа идни студенти бидете посветени, дисциплинирани, ако сакате да бидете единствени во нешто и по тоа да ве препознаваат!

Дарко Здравковиќ / ETT INZENERING

По завршување на моите студии брзо се вработив во фирма која се занимава со испитување и инсталација на лифтови. Моите студии доста ми помогнаа брзо да се вклопам во работата и брзо да ја разберам истата, а со самото тоа да можам и брзо да пронаоѓам нови и ефикасни решенија.

Моите задачи како инженер во работата се да вршам испитување и инсталација на лифтови. Ја одбрав оваа насока поради тоа што ми изгледаше интересна и сакав да научам повеќе за механизационите машини, моторните возила,  висечкиот транспорт, а можеби најмногу сакав да научам за жичарите, ски-лифтовите и лифтови.

На идните студенти им препорачувам да ја одберат оваа насока бидејќи има што да се научи и знаењето стекнато на факултет може на многу места потоа да се примени.

Симон Христовски / NB engineering, Malta

Пред да ги завршам студиите работев како техничар за лифтови, но набрзо по дипломирањето се вработив како инспектор за патнички и товарни лифтови. Работата која ја извршувам е во областа на студиите конкретно мојата работна задача е инспекција на лифтовите, дали тие се безбедни за употреба и дали се монтирани според законските прописи за лифтови.

Знаењата и вештините што ги стекнав од студиската програма ми овозможија полесно прилагодување кон работните задачи. Оваа програма ја избрав затоа што сакав да научам за лифтовите односно како тие функционираат. Најмногу ми се допадна тоа што имав можност да стекнам што поголемо знаење во областа на цикличен и континуиран транспорт. На идните студенти би им препорачал да бидат упорни бидејќи упорноста ќе им се исплати.

Стефан Којчев / Volvo Autonomous Solutions, Industrial PhD

На насоката Моторни Возила се стекнав со солидни основни теоретски знаења кои беа и се база на моето понатамошно доградување и професија. Врвната експертиза на наставниот кадар на насоката е инспирирачки и е одлична поддршка за развивање на вештини од различни практични подрачја.

Љупчо Попоски / ZF Friedrichshafen, System/Software Development Engineer, Систем и софтвер Инженер за развој

Теоретското знаење и практичните вештини стекнати за време на студиите на МФС беа од круцијално значење за мојот понатамошен професионален развој.

На идните инженери им порачувам да бидат упорни, гладни за знаење и многу љубопитни во врска со оваа тематика, затоа што наставниот кадар има многу што да понуди.

Иле Атанасов / БРАКО – Green Machines - Велес, Продукт менаџер

Ми претставува особено задоволство што знаењата стекнати на машинскиот факултет од областа на моторните возила во голема мера и практично ги искористив во мојот професионален ангажман како одговорно лице во одделот за производство на возила за чистење на улици и јавни површини.

На сите мои идни колеги би им порачал да ги следат своите соништа, да го студираат и работат она што најмногу ги исполнува.

Даниел Максимовски / Истражувачки и тест центар CARISSMA на Универзитетот за применети науки во Инголштад, Научен соработник

Благодарение на стекнатото знаење и вештини од додипломските студии имав можност веднаш да се запишам на мастер студии на универзитетот во Инголштад (Германија) од областа на автомобилското инженерство.

Студиската програма моторни возила овозможува детално проучување на возилата како и вовед во најактуелните теми за истражување и развој во областа на автономни возила и интелигентни транспортни системи.

  • ИАЕСТЕ – Меѓународнa независна, невладина студентска организација за размена на студенти од техничките факултети (https://iaeste.org.mk/)
  • EBEC-Европски БЕСТ Инженерски натпревар (анг. European BEST Engineering Competition), натпревар наменет за поттикнување на креативното размислување за решавање на комплесни проблеми (https://ebec.best.org.mk/)
  • ProjectHUB – поврзуање на теоретското и практичното знаење, зголемување на ангажманот на студентите, примена на акумулираното знаење (https://www.mf.ukim.edu.mk/mk/projecthub)
  • CEEPUS програма – Централноевропска програма за размена за универзитетски студии (анг. Central European Exchange Program for University Studies (CEEPUS)) е програма за академска размена на студенти и професори од Централна и Источна Европа (https://www.ceepus.info/)
  • ЕРАЗМУС+ програма- програма за мобилност на студентите и наставните кадри (за студиски престој, ослободување од студиски трошоци, како и признавање на студентските кредити на институцијата-домаќин по враќањето на домашниот универзитет) (https://na.org.mk/Home/ErasmusPlus)
  • Zoran Djindjic Internship Programme of German Business – Програма која нуди можност за практикантска работа со стекнување на знаења и соочување со вистински предизвици во германски компании. (https://www.djindjic-stipendienprogramm.de/)
  • Студентски ексурзии
  • Насоката МВТМ овозможува изучување на современите системи кај возилата и средствата за транспорт, современите трендови на електрификација и поврзаност помеѓу самите возила со цел постигнување на одржлив транспортен систем.
  • Студентите имаат можност да работат и истражуваат теми кои се предложени од нивна страна, притоа користејќи реални испитувања и симулациски средства.
  • Обемноста на насоката овозможува голема интердисциплинарност и поврзаност со останатите гранки на машинството.
  • Можност за работа на реални проектни задачи поврзани со компании од индустријата.