Индустриски ДИЗАЈН

Насоката индустриски дизајн постои од 2004 година како тригодишни професионални додипломски студии, а од 2017 година беше трансформирана во четиригодишни студии. Во 2008 година стартуваа и двегодишните магистерски студии по индустриски дизајн и маркетинг, а во 2018 едногодишни магистерски студии по индустриски дизајн.

Цел на насоката

Индустриските дизајнери се фокусираат на дизајнирање и развивање на разновидни индустриски производи кои се одликуваат со естетика, функционалност и употребливост.

Некои од главните компетенции со кои се стекнуваат студентите на насоката

  • разбирање на просторот, презентирање на тела во простор, слободорачно цртање на тела во простор и нивно детализирање;
  • изработка на прототипови преку моделирање на реални објекти во природна големина;
  • 3Д моделирање на сложени тела и површини во просторот и нивна фотореалистична визуелизација со современи софтверски алатки;
  • креирање на 3Д анимација на објекти (производи) ;
  • примена на основните елементи и принципи во дизајн на 2Д и 3Д композиции;
  • практично решавање на дизајнерски задачи од областа на графичкиот дизајн;
  • моделирање на производи со сложени површини и конструктивно оформување на производите од пластика;
  • примена на основните принципи и методи на ергономијата и антропометријата во дизајнот на производи;
  • спроведување на процесот на дизајнирање и решавање на конкретни дизајнерски задачи;              
  • примена на интегрираниот процес за развој на производите, од препознавање на шансата за нов производ до имплемантирање на развојниот проект;
  • практично работење на конкретни дизајн проблеми од областа на еко дизајнот;
  • моделирање, градба, програмирање и симулација на математички и виртуелни механички модели на реални технички системи;
  • способности за водење на проекти.

Примери на дипломски работи од насоката индустрски дизајн

Емилија Тодоровска

ДИЗАЈН НА ОПАКОВКA ОД БИОРАЗГРАДЛИВ МАТЕРИЈАЛ

Ана Јовчевска

ДИЗАЈН НА СПОЈКА ЗА МЕБЕЛ СО МЕТОДОТ НА ТОПОЛОШКА ОПТИМИЗАЦИЈА

Лео Кралевски

ДИЗАЈН НА ПЕРСОНАЛИЗИРАНО ОРТОПЕДСКО ПОМАГАЛО ЗА РАКА, 3Д ПЕЧАТЕЊЕ И ТЕСТИРАЊЕ СО ВИРТУЕЛНА СИМУЛАЦИЈА И ЕКСПЕРИМЕНТАЛНА ВЕРИФИКАЦИЈА

Бојан Цветковски

ЕСТЕТСКО И ФУНКЦИОНАЛНО ОБЛИКУВАЊЕ НА ЕНТЕРИЕР НА КАБИНА НА РАБОТНА МАШИНА ЗА ЧИСТЕЊЕ УЛИЦИ

Кристина Рачиќевиќ

РАЗВОЈ НА КОНЦЕПТУАЛНО РЕШЕНИЕ НА НАДВОРЕШЕН ДИЗАЈН НА КОМПАКТЕН СПОРТСКИ КУПЕ АВТОМОБИЛ

Бојан Икономов

БРЕНДИРАЊЕ НА КОМПАНИЈА ЗА ДИЗАЈН И ПРОДАЖБА НА МЕБЕЛ

Мице Карајов

3Д МОДЕЛИРАЊЕ И АНИМАЦИЈА НА ФУТУРИСТИЧКИ ВОЗИЛA

Никола Узунски / CQ Engineer во Johnson Matthey Macedonia

За насоката Индустриски дизајн се одлучив пред се поради специфичната структура на програмата која претставува комбинација од инженерски и дизајнерски предмети кои создаваат и овозможуваат техничка основа за работа во индустријата, а истовремено ја поттикнуваат креативноста и иновативноста на студентите во фазите на дизајн и развој на производи и услуги.

Би сакал да ја истакнам и професионалноста и посветеноста на професорите да го пренесат нивното теоретско знаење, како и нивната ангажираност за вклучување на студентите во реални проекти од индустријата. За време на последните семестри од моето студирање, имав можност да учествувам во проект за редизајн на возило во кој го применив наученото од студиите дотогаш, а истовремено се стекнав и со нови знаења и вештини кои ми помогнаа да продолжам со усовршување и работа во автомобилската индустрија за дел од најпознатите брендови на возила

Татјана Зафировска / Junior UX/UI Engineer во Nebb

За техничките науки покажував интерес уште во средношколските денови, па изборот за додипломски студии беше неминовен. Индустриски дизајн е смер преку кој студентот се стекнува со знаење од различни области кои го засегнуваат и инженерскиот и дизајнерскиот аспект.

Структурата на целокупната програма за студиите е формулирана на таков начин што студентот има можност да се пронајде во различни обласи од дизајнот, почнувајќи од производство па се до креирање на интерфејс на веб и мобилни апликации.

По завршување на студиите мојата кариера продолжи да се развива во областа на креирање виртуелни дизајнерски решенија преку кои секојдневно ја прикажувам мојата креативност, иновативност и аналитичност.

Филип Димитриев / Индустриски дизајнер во БРАКО ДОО

Дипломирав на насоката индустриски дизајн, а магистрирав на насоката индустриски дизајн и маркетинг на Машинскиот факултет во Скопје. Во текот на магистерските студии бев поканет да учествувам на реален проект помеѓу Машинскиот факултет и компанијата БРАКО / GREEN MACHINES од Велес. Директно учествував во дизајн процесот за изработка на кабина за постоечките возила GM500 и GM636 за чистење на урбани средини кои компанијата ги произведува, како и во развојот на новиот модел GM700.

Во текот на учеството во проектот добив можност и за вработување во истата компанија. Денес работам како индустриски дизајнер во компанијата каде продолжив со работа на понатамошниот развој на овие производи,  директно сум инволвиран во дизајнот и производството на возилата. Работата на реални проекти во текот на студиите нуди големи можности за стекнување практични искуства кои можат да го обликуваат понатамошниот правец на развојот на еден индустриски дизајнер.

Марија Ивановска Николовски / Извршен директор на ФЗЦ 11 Октомври АД Куманово

Како жена  со самодоверба и со своја животна цел, а во позадина со стекната силна едукација од Машинскиот факултет Скопје, на насоката МСКИ кој беше појдовна точка за мојот професионален развој. Денеска сум на врвот на една успешна компанија со долга истотрија во Индустријата која е препознатлива по својот производ кој го пласира на пазарот а воедно со нејзиниот врвен квалитет.

Зајакнувањето на моето теоретско и практично знаење започнува со позицијата Машински инженер, а кариерниот развој продолжува со Директор на Управување со контрола на квалитет, меѓувреме не стагнирам истовремено се надоградувам со низа сертификати меѓу најзначајните за мене е IWE ( International Welding Engineer) со кој го надоградувам моето сткнато знаење при студирањето  на Машинскиот Факултет при УКИМ.

Упорноста, дисциплината, професионалноста и трудот ме искачуваат на највисоката раководната  позиција Извршен Директор во компанијата ФЗЦ  11 ОКТОМВРИ АД КУМАНОВО на која сум веќе полни 4 години и успешно се справувам со сите предизвици кој налага оваа позиција.

Студирањето на МФС, особено на насоката МПИ, има значајна улога во мојот професионален развој. Оваа насока обезбедува сеопфатно образование во областа на материјалите, техники на спојување, иновациите во инженерството и дизајнот на конструкции. Покрај редовната наставна програма, значајно влијание има и учеството во национални проекти под менторство на професорите, што овозможува практична примена на стекнатите знаења. Комбинацијата од академското образование и континуираното усовршување ми помага да ги надминувам секојдневните предизвици и да применувам оптимални решенија во професионалната средина.

Христијан Ѓоргиевски / Инженер за квалитет во енергетскиот сектор во Hitachi Energy во Цирих, Швајцарија

Силната основа во аналитичко размислување и решавање проблеми, стекната за време на моите студии на Машинскиот факултет, ми овозможи да изградам разновидна кариера во повеќе индустрии. Започнав како инженер за квалитет во ФЗЦ “11 Октомври” – Куманово, каде што стекнав практично искуство со предизвиците во производството. Понатаму, преминав во меѓународно работно опкружување, станувајќи инженер за процеси за фрикционо заварување во Dura Automotive во Скопје, каде што учествував во воспоставувањето на нова производна линија, оптимизација на истата и имплементацијата на контрола на квалитет на процесот.

Воден од желбата за поголеми предизвици, преминав во индустријата за полупроводници, работејќи како инженер за производство во ASML во Холандија. Таму бев дел од производствен процес на машини кои проиведуваат 5nm чипови, клучна технологија која ја обликува иднината на вештачката интелигенција. Моментално работам како инженер за квалитет во енергетскиот сектор во Hitachi Energy во Цирих, Швајцарија, каде што се прилагодив на сосема нова индустрија, применувајќи структуриран пристап кон решавање проблеми и обезбедување квалитет во комплексно техничко опкружување.

Сите овие професионални искуства се обликувани од знаењето и вештините што ги стекнав на Машинскиот факултет. Принципите на аналитичко размислување, структуриран пристап во решавање на проблеми, поставување приоритети и почитување на индустриските стандарди беа клучни за мојата способност да се адаптирам, иновирам и успеам во различни области.

Даниела Пана / Интериор инженер за персонализиран дизајн

Оваа насока ми овозможи длабоко познавање на материјалите, различни современи технологии и процеси за развој на нови продукти. Својата кариера ја започнав во Костал Македонија како проектен инженер за интериор компоненти. Комбинацијата на знаењето стекнато при моето студирање, искуството и креативноста, ми овозможија да ја продолжам својата кариера како интериор инженер во Bugatti & Rimac Automobili.  Во изминативе години работев на целосниот развој на интериерот за Bugatti Bolide, Bugatti Mistral и Rimac Nevera. Секое Bugatti има засебен дизајн од страна на клиентот и предизвикот во оваа работа е концептот да стане реалност.

Слободан Кулишевски / Инженер за изведба и производство на челични конструкции

Студирањето на МФС, особено на насоката МПИ, има значајна улога во мојот професионален развој. Оваа насока обезбедува сеопфатно образование во областа на материјалите, техники на спојување, иновациите во инженерството и дизајнот на конструкции. Покрај редовната наставна програма, значајно влијание има и учеството во национални проекти под менторство на професорите, што овозможува практична примена на стекнатите знаења. Комбинацијата од академското образование и континуираното усовршување ми помага да ги надминувам секојдневните предизвици и да применувам оптимални решенија во професионалната средина.

НАУЧНА ДЕЈНОСТ

Паралелно со едукативната дејност, наставниот кадар вклучен во студиската програма индустриски дизајн развива научна дејност посветена на теми од областа на индустрискиот дизајн, ергономијата, биониката, компјутерската графика и анимација, еко дизајнот, развојот на нови производи итн. Научната дејност е евидентна преку постигнатите успеси:

  • Голем број научни трудови презентирани на престижни меѓународни научни конференции и објавени во престижни меѓународни научни часописи.
  • Учество во реализација на национални и интернационални научни проекти.
  • Изработени се и одбранети голем број магистерски и пет докторски трудови.

Соработка со стопанство

Електрична верзија на возилото GM400

Професори, асистенти и студенти од насоките индустриски дизајн и моторни возила од Институтот за МКММВ интензивно соработуваат на заеднички проекти помеѓу Машинскиот факултет и компанијата BRAKO GREEN MACHINES од Велес.

Развој на нов модел на возило за чистење улици GM700 кој се очекува да биде пуштен во сериско производство во 2023 година

Редизајн на кабините за возачите за возилата за чистење улици GM500 и GM 636